Македонските компании лани обжалиле јавни набавки тешки половина милијарда евра во кои пронашле неправилности при изборот на најповолниот понудувач, кој го избирале државните институции, покажува извештајот за работата на Комисијата за жалби по јавни набавки за 2010 година. Бројот на жалбите можеби би бил поголем ако нема надоместок од минимум 100 евра за поднесена жалба. Поради високите трошоци, жалбите на голем број компании што реагирале до Комисијата биле отфрлени, бидејќи не бил платен надоместокот. Надоместот за водење жалбена постапка пред Државната комисија е утврден како мерка за дестимулација на економските оператори што без причина изјавуваат жалба. Извештајот покажува дека за две години биле обжалени набавки тешки 1,1 милијарда евра или речиси колку половина годишен државен буџет.
Македонските компании лани обжалиле јавни набавки тешки половина милијарда евра во кои пронашле неправилности при изборот на најповолниот понудувач, кој го избирале државните институции, покажува извештајот за работата на Комисијата за жалби по јавни набавки за 2010 година.
Бројот на жалбите можеби би бил поголем ако нема надоместок од минимум 100 евра за поднесена жалба. Поради високите трошоци, жалбите на голем број компании што реагирале до Комисијата биле отфрлени, бидејќи не бил платен надоместокот.
„Надоместот за водење жалбена постапка пред Државната комисија е утврден како мерка за дестимулација на економските оператори што без причина изјавуваат жалба“, пишува во извештајот на Државната комисија.
Страв за поднесување жалби
Извештајот покажува дека за две години биле обжалени набавки тешки 1,1 милијарда евра или речиси колку половина годишен државен буџет.
Рекордер во бројот на примените жалби за јавни набавки се државните електрани ЕЛЕМ, со 44 жалби. „Македонска железница - Транспорт“ има 25 жалби, Министерството за одбрана - 21, Град Скопје - 20, Службата за општи и заеднички работи на Владата - 18 жалби.
Според експертите, компаниите реагираат анонимно на влошената состојба во сферата на јавните набавки, но не се жалат од страв бидејќи немаат доверба во институциите.
Анонимните анкети на компаниите што учествуваат на огласите покажуваат дека тие немаат доверба во институциите оти ќе им биде уважена жалбата. Жалбата чини бидејќи надоместокот и таксата се трошок за компаниите. Проблем е тоа што иако законот налага образложение при изборот на најповолна понуда зошто баш таа е избрана, го нема тоа. Нема елементи на што да се жалат. Немаат ниту увид, законот не дозволува увид во понудата на компанијата што победила на огласот. Фирмите немаат на што да се повикаат во жалбата. Нема ниту многу жалби на Управен суд. Друг проблем е и тоа што компаниите се плашат да се жалат, зашто државата е најголемиот огласувач.
- Страв им дека ако се жалат, си ги затвораат вратите да учествуваат на други огласи - вели Вања Михајлова, експерт за јавни набавки.
Најголем дел од обжалените набавки се однесувале на набавки на стоки за државните и локалните институции. Така, 267 милиони евра тежеле набавките на стоки што компаниите ги обжалиле до Комисијата за жалби при јавни набавки, 179 милиони евра биле набавките за изведување работа, а 56 милиони за набавка на услуги.
Отфрлени голем број жалби
Од вкупно 121 отфрлена жалба, 94 жалби или над 77 отсто се отфрлени поради неисполнување на законската обврска за уплата на надомест за водење жалбена постапка, 14 жалби се отфрлени поради ненавременост, 10 жалби се отфрлени како недозволени и 3 поради ненадлежност.
„ Од податоците што се однесуваат на причините зошто Државната комисија релативно голем број од изјавените жалби (14,15 отсто) ги отфрлила, може да се заклучи дека најчеста причина за тоа е што жалителите не ја исполниле законската обврска за уплата на административни такси и надомест за водење жалбена постапка (77,68 отсто). Релативно големиот број отфрлени жалби укажува на фактот дека подносителите на жалби или не се запознаени за законската обврска за уплата на административни такси и надомест за водење жалбена постапка или се запознаени, но не ја исполнуваат, така што Државната комисија според изричните законски одредби не може да одлучува по неуредните жалби“, пишува во извештајот.
Лани биле добиени вкупно 868 предмети со вкупно 979 жалби. Комисијата постапувала и донесла одлуки по 820 предмети, односно по 855 жалби. Имало 94 тужби до Управен суд.
Комисијата ја потврдила одлуката кај 417 жалбени предмети, постапката била запрена во 29 случаи, постапката била прекината во 70 жалбени предмети, одлуките биле укинати при 153 набавки, постапката била поништена во 119 случаи. Според извештајот, се зголемил бројот на уважените жалби (272), односно 33,18 отсто, што е за 7,2 проценти повеќе отколку во 2009 година.